Галерија на икони е отворeна во 2002 година и се наоѓа во објектот на т.н. „Баба Неделино училиште“. Овој објект инаку е првото женско училиште отворено во Прилеп кон крајот на 19 век, дотогаш немало дозвола девојчињата да се школуваат.
Секоја икона има своја посебна приказна, а во галеријата се наоѓаат 66 икони кои потекнуваат од прилепско. Најстариот експонат е фреската на Архангел Гаврил која потекнува од 12 век. Фреската потекнува од од манастирската црка од манастирот Свети Архангел Михаил, од населбата Варош, која се наоѓа под денешната црква.
Интересен е и деизисот на кој се претставени 12-те апостоли со Исус Христос, кој потекнува од 1535 година од црквата Свети Никола во село Зрзе и кој е насликан целииот на една штица. Тука е Ерусалимското платно, иконата на која Христос е нацртан во македонски народни носии, како и иконата на Свети Христофор нацртан со глава на животно. Во галеријата се чуваат и одеждите на првиот прилепски Архиепископ Г.Г. Ангелариј од 19 век.
Погледнете ги овие ретки икони кои може да се видат единствено во Прилеп, а ретко кој знае и дека постојат.