Уште четири дена за аплицирање за земјоделски субвенции

Facebook
Twitter
Email
Print

На 12 јуни годинава завршува рокот за поднесување барања за субвенции за растително и сточарско производство, соопшти денеска директорот на Платежната агенција Николче Бабовски.

 

Досега аплицирале 64.448 земјоделци, но се очекува бројката да биде зголемена за уште 7.000 до 8.000. Тој ги повика земјоделците да аплицираат навреме за побрзо да се обработат барањата и средствата да се исплатат.

 

Директорот најави дека утре ќе биде објавен јавен повик за поднесување барања за субвенции во рибарството, односно за поддршка на нови и за рехабилитација на постојните риболовни пунктови, како и за мрестилиштата, а во тек е, потсети, и огласот за инвестиции во земјоделските стопанства за што субвенции се обезбедени преку Програмата за рурален развој.

 

Апликациите за субвенции може да се поднесуваат електронски, а ако на земјоделците им е потребна помош во пополнувањето на документацијата, може да се обратат во Платежната агенција.

 

„За годинава се предвидени преку шест милијарди денари поддршка, средства кои со ребалансот би сакале да се зголемат. Искористеноста на субвенциите за 2017-та е 97 отсто или се исплатени 5,902 милијарди денари. Претходната година, пак, 2016-та, реализацијата на субвенциите беше 99 отсто“, истакна Бабовски.

 

Платежната агенција годишно обработува по околу 150.000 – 160.000 барања за субвенции, а апликации поднесуваат повеќе од 70.000 фармери.

 

Одговорајќи на новинарско прашање, директорот Бабовски информира дека резултатите од контролите на независните експертски тимови од ЕУ во врска со досегашниот ефект од земјоделските субвенции се очекуваат за еден до 1,5 месец.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи