ВИДЕО – Продолжува голготата на семејството Ризески, сега им ја исклучиле и струјата, државата глува за помош

54 годишниот Симе Ризески од прилепското село Загорани кој пред еден месец со позајмени 500 денари му купи торта на својот син за неговиот 11 роденден, бидејќи немаат од што да живеат, вчера остана и без струја. Од ЕВН му ја исклучиле поради долг од околу 16.000 денари. Иако јавно упати апел до државата да му помогне, ниту една институција не го побарала. Вели дека е крајно разочаран од животот.

 

 

„Се јавија тројца, едниот донираше храна, и двајца други луѓе донираа велосипеди. Ниту една државна институција не ми помогна. Дали може вака да се живее на свеќа ? Дали можам детево да го измијам, да го исперам, како ќе го правам тоа на раце ? Незнам да перам ако не е машината. И таа храна што ја имам во фрижидерот сега ќе се расипе ? Не се живее без струја“, вели Симе Ризески, жител на с. Загорани.

 

Инаку Ризески живеат во вистинска мизерија, услови кои се под секое човечко достоинство. Куќата им е пред распаѓање, кога врне внатре течи вода, немаат пари да ги поправат искршените прозорци. Живеат со само околу 7.000 денари месечно од продажбата на млекото кое го добиваат од 3-те крави.

 

„Кравите сега ги молзам само на сабјале, навечер неможам да ги молзам, доцна доаѓаат од пасење, темница е, не ги молзам и со тоа губам пари“, додава Ризески.

 

 

 

Од Центарот за социјална работа од Прилеп пред еден месец изјавија само тоа дека биле запознаени со случајот, но според законот не му следувала никаква парична помош бидејќи имал примања. Ризески бара повторно помош од државата.

 

„Барам да ми се пушти струјата, да ме ослободат овие 8 рати да ми ги подмират, потоа месец за месец јас ќе си плаќа, како ќе правам незнам, но на државата должен нема да и останам“, истакна Ризески.

 

 

Доколку не ја добие помош со солзи во очите вели дека ќе биде принуден да ја продаде донацијата за својот син.

 

„Сега сум принуден да ги продадам велосипедите кои се подарок за син ми или да продадам една крава, па да и платам на државата за струја, друг излез незнам“, потенцира Ризески.

 

Ризески упатува апел за помош и до сите хумани граѓани кои сакаат да му помогнат.

 

 

Семејството Ризески може да го контактирате на тел. : 076-999-278.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи