Комплексни молекуларно – генетички експертизи потврдија дека остатоците кои во 1993 и 2007 година беа откриени во близина на рускиот град Екатеринбург се на поранешниот император Николај Втори, членови на неговото семејство и луѓе од нивното опкружување, соопшти Истражниот комитет на Русија.
Седум од вкупно 11 откриени фрагменти одговараат на семејната група – мајка, татко, четири ќерки и еден син. Споредбата на генетичките профили од коскените остатоци со примероци земени од живи роднини на семејството Романови и по таткова и по мајчина линија потврдуваат дека остатоците му припаѓаат на Николај Втори и членови на неговото семејство, стои во извештај на Федералната истрага.
Истражниот Комитет ќе ја затвори истрагата за случајот откако ќе добие податоци од последните четири експертизи меѓу кои се и документи од странски архиви кои биле собрани во последните 18 месеци.
На 17 јули се навршуваат сто години од убиството на царското семејство во Екатеринбург.