Oтворен Малиот групен дом во Тимјаник

Facebook
Twitter
Email
Print

Мартина, Аделина, Никола и Антонио, четири деца со попреченост добија нов живот, откако денеска беше отворен Малиот групен дом во неготинското село Тимјаник. Тие овде се како едно мало семејство, откако го напуштија Специјалниот завод Демир Капија, во рамките на процесот за деинституционализација.

 

Како што рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, тие сега добија подостоинствен живот.

 

Таа изрази голема благодарност до УНИЦЕФ, УНДП, Сојузот на дефектолози, општините кои го прифаќаат овој концепт и градоначалникот на Неготино. Претходно други три дечиња беа сместени во мал групен дом во Неготино, а министерката најави дека процесот продолжува и понатаму во сите институции.

 

„Станува збор за десетгодишна стратегија и не се однесува само за деца, туку за сите лица сместени во институции. До 2020 година деца до три години нема да има во институција. Но јас мислам дека и деца до 18 години нема да има во институција. Затоа што штета е секој ден поминат во институција“, нагласи Царовска.

 

На новинарско прашање, таа кажа дека се разгледуваат сите можности за градинка во селото и најави нова градинка во Неготино за следната година.

 

Дечињата во домот добија подароци од неготинскиот градоначалник Тони Делков, кој им посака топло добредојде на новите сограѓани и успешна работа на вработените.

 

„Овде ја покажуваме хуманоста на дело, ги надминавме сите проблеми од минатото. Општина Неготино е пример во Република Македонија за работа со лица со посебни потреби. Тоа и го покажавме во изминатиот период со лицата од неготинска „Порака” кои успешно се вклучени во целокупниот живот во општината“, рече Делков.

 

Тој нагласи дека веќе аплицирале и за проектот за 13 асистенти, кои со поддршка на УНДП ќе се вклучат и во образовниот процес, за помош на децата со посебни потреби.

 

Градоначалникот апелираше доброто да го победува лошото и тоа да биде главната водилка, осудувајќи ги сите оние недолични изјави на поединци, кои првично беа против ваков дом во Тимјаник, поради својата неинформираност.

 

Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија, рече дека ова е пресвртница во историјата бидејќи на сите што се во институција им се дава право да живеат во семејна средина.

 

„Ниедно дете не смее да биде скриено во институција и без потребната грижа и љубов, без разлика на неговата попреченост“, нагласи Перкс.

 

Луиза Винтон, постојан координатор на ОН и постојан претставник на УНДП во Македонија, рече дека во малите групни домови се добива семејна средина и грижа и љубов кои децата ги заслужуваат. Таа нагласи дека деинституционализација е од врвно значење и приоритет за целото семејство на ОН.

 

„Ја поддржуваме Владата во нејзиниот напор да ја спроведе деинституционализацијата на вистински начин и да овозможи во догледно време, секој да може да ги ужива своите права“, додаде таа, нагласувајќи дека гостопримливоста која сега се покажа во Тимјаник, ќе се преточи и на други места во државата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи