Дирекцијата за заштита и спасување со ресурсите со кои распоалага е ставена во функција на помош на Република Грција и доколку биде побарана помош ќе отпочнеме процедура за испраќање помош, информира директорот на ДЗС Аднан Џаферовски.
„Владата на Република Македонија е во постојан контакт со грчките власти и понудена е помош уште од вчера. ДЗС е владино оперативно тело и со своите ресурси е подготвено да помогне. Очекуваме одговор од нивна страна. Од утрово се спремни два авиони за гасење пожар. Екипите се спремни“, изјави Џаферовски.
Тој додава дека авионите за гаснење пожар се најбрз механизам.
„Пожарникари нема да се испраќаат бидејќи станува збор за далечна дестинација. Доколку има потреба, ние ќе испратиме и теренски возила со пожарникари“, додава Џаферовски.
Во Грција во изминатите 24 часа, од 6 часот вчера, до 6 часот утрово, биле регистрирани 47 пожари. Бројката на потврдени жртви од пожарите е 60 лица, според портпаролката на грчката противпожарна служба, додека пак над 200 лица се повредени.