За ракијата од казани ќе се плаќа акциза од 30 денари по литар

Facebook
Twitter
Email
Print

Земјоделците кои од овошје и грозје произведуваат жестоки алкохолни пијалоци ќе смеат во текот на годината да произведат најмногу 1.000 литри чист алкохол. Ова е дел од новиот Закон за акцизи кој веќе е објавен, а со кој и земјоделците кои прават ракија дома која ја продаваат стануваат акцизни обврзници. Според предложените измени, на произведената количина се плаќа акциза од 30 денари по литар жесток алкохолен пијалок со просечна јачина од 45 отсто.

 

„Целта на Предлог-законот е усогласување со директивите на Европската Унија од областа на акцизите. Воедно, во Предлог-законот се предлагаат нови системски решенија кои ќе стапат во сила со денот на применување на Предлог-законот, модифицирани системски решенија во однос на постојниот Закон за акцизите кои ќе стапат во сила со денот на примена на Предлог-законот, како и нови системски решенија кои ќе се применуваат со влез на Република Македонија во ЕУ“, посочуваат од Министерството за финансии.

 

Според одредбите, земјоделците кои сакаат да прават ракија од грозје или од друго овошје и производот да го продаваат, должни се да се регистрираат во Царината.

 

Предлог-законот предвидува земјоделецот пред да започне со дестилирање на овошјето да ја извести царинската управа дека ќе започне со производство, наведувајќи ги точната дата и време во кое ќе се одвива производството без прекин, место на дестилирање, видот на овошјето кое ќе го дестилира, количината на комина и очекуваната количина на жесток алкохолен пијалок и планираната количина на акцизни марки.

 

Законот го регулира и пакувањето на алкохолот и лепењето на акцизната маркичка.

 

„Жестоките алкохолни пијалоци произведени од страна на земјоделците се пакуваат во садови со зафатнина најмногу до 5 литри за крајните купувачи и за продажба во угостителски објекти“, стои во предлог-законот за акцизи.

 

Земјоделецот исто така е должен комерцијалните пакувања да ги обележи со акцизна марка која треба да биде залепена на затворачот на шишето, така што при отворање ќе мора да се оштети.

 

Плаќањето на акцизата е планирано по завршување на производството со поднесување акцизна декларација.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи