Увидот во Избирачкиот список започна вчера, а според ДИК тоа е доволно време за негово расчистување, при што бројката од 1,8 милиони гласачи е реална.
Сепак невладините организации кои го следат процесот го тврдат спротивното и на нивна адреса веќе се стигнати поплаки кои ги отвораат старите проблеми. Од граѓанската организација ЦИВИЛ велат дека се уште фигурираат фантомски гласачи, починати лица со право на глас, лица регистрирани на погрешна адреса, што го прави Избирачкиот список далеку од прочистен.
„Фантомите во Избирачкиот список се вратиле и удобно се сместиле на адресите на граѓанките и граѓаните што се јавија во нашата организација. Добивме и една пријава за починато лице,што сѐ уште фигурира во Избирачкиот список. Во еден случај, граѓанин ни пишува дека веднаш се јавил во ДИК да пријави неколку „ненајавени гости“ на својата адреса. Од таму, како и на претходните изборни процеси, го упатиле да се јави во МВР. Гласачите повторно ја слушаат старата приказна: секогаш некој друг е одговорен.“, велат од ЦИВИЛ.
Според последните податоци, во Избирачкиот список се запишани 1 805 707 македонски државјани со право на глас. Но Државната изборна комисија очекува овој број да се промени до 23 август кога се затвора јавниот увид во списокот.