Продолжуваат посетите на високи меѓународни претставници на земјава во пресрет на референдумот. По Меркел и Курц, денеска и американскиот сенатор Рон Џонсон на средби со државниот врв.
Сенаторот од Висконсин ги повика граѓаните да го искористат правото на глас и порача дека само со успешен референдум, земјава може да се надева на членство во ЕУ и НАТО.
„Сакаме да го поддржиме решението на овој проблем, тоа е единствениот начин за членство на Македонија во НАТО. Многу е важно за НАТО, многу е важно за безбедноста на Балканот и Македонија, тука сме да ги охрабриме сите Македонци да излезат и да гласаат, дали се согласувате со договорот или не, мора да го искористите вашето право да гласате и излезете и покажете им на вашите лидери, на овие храбри премиер кои најдоа решение на овој важен проблем, покажете им што чувствувате и излезете и гласајте“, изјави Рон Џонсон, сенатор на Висконсин.
Џонсон е претседавач на поткомитетот за европска и регионална безбедносна политика во Сенатот, а пред да дојде во Македонија, беше и во Грција. На новинарско прашање за отпорот кој го има против договорот во двете земји, но и за тоа што опозицијата во земјава се уште нема јасно изграден став, Џонсон дециден – отпорот кон договорот е знак дека компромисот е добар.
„Штотуку доаѓам и од Грција, и таму има голем отпор на договорот. Често пати во американската политика ако имате решение кое никој не го сака, можеби сте ја нашле вистинската точка на прифатливо решение. Ова е тежок проблем кој се насобираше 27 години. Им аплаудирам на двајцата премиери што заземаа позиција дискутираа и соработуваа со американската влада која ги охрабруваше и поддржуваше, но на крајот ова е нивно решение“, рече Џонсон.
Американскиот сенатор покрај со премиерот Заев, во Собранието се сретна и со спикерот Талат Џафери. Сенаторот Рон Џонсон е и ко-спонзор на резолуцијата за поддршка на договорот со преспа, а важи и за близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп.