Претседателот Ѓорге Иванов денеска го одликува Јован Павлевски со Медал за заслуги за Македонија за неговото долгогодишно промовирање на Република Македонија во Француската Република и во целиот франкофонски свет.
Медалот за заслуги, како што информираат од Кабинетот на Иванов, му се доделува на професор Јован Павлевски за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и за дејствување во Француската Република, со што даде значаен придонес за унапредување на пријателските односи и на соработката со Француската Република, како и за афирмација на Република Македонија во светот.
„Неговите заслуги не се само во областа на издаваштвото. Како ангажиран интелектуалец, тој со децении се застапува и ги промовира интересите на Република Македонија во Француската Република и франкофонскиот свет. За многу франкофонски автори, творци и креатори на мислење, средбата со Павлевски е и нивна прва непосредна средба со Македонија и со македонскиот светоглед. Во него тие гледаат какви луѓе создава Македонија. И со сето тоа, професорот Павлевски стана македонскиот глас во економските и политички науки во франкофонскиот свет“, истакна во обраќањето претседателот Иванов.
Професор Павлевски се заблагодари за доделеното признание од страна на претседателот Иванов.
„За мене овој медал е преважен. Како дете од Македонија, тоа е првпат, после филмот, што добивам такво признание и сум преблагодарен. Ви благодарам од се срце. До толку повеќе што во овие моменти Вие сте еден многу голем претседател и Вашето име, убеден сум во тоа, ќе влезе во историјата на светот. Нема да има книга по политички, социјални науки без да го има вашето име внатре“, истакна Павлевски.
Професор Павлевски потекнува од беровското село Ратево, а во 1960 заминува во Франција каде докторирал на Факултетот за правни и економски науки при Универзитетот во Париз. Во својата академска кариера бил професор на Универзитетите во Руен, Казабланка и Сорбона. Тој е основач на една од петте најголеми издавачки куќи за економско-политичка литература во Европа и светот „Економика“, преку која до сега публикувале над 18.000 автори. Професорот Павлевски е носител на повеќе врвни државни и академски одликувања во Француската Република.