Преку дигитална алатка за просторно прикажување податоци во реално време, македонските институции ќе го унапредуваат менаџирањето со кризи, елементарни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор.
Веб алатката беше дел од денешната вежба „Сеопфатен одговор – Водно 2018“ што ја организираа Министерството за одбрана на РМ и Инженерскиот корпус на Армијата на САД, а за нејзино развивање, како што беше речено, се неопходни многу знаења и ресурси.
Алатката треба да ја интензивира соработката, но и координацијата меѓу институциите при справувањето со кризи.
„Станува збор за алатка која овозможува брза и ефикасна комуникација и координација меѓу субјектите на системот за управување со кризи, квалитетно и брзо донесување одлуки, како и целосно и транспарентно информирање на јавноста со паралелно подигање на свеста и разбирање на ризиците“, објасни директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку.
Ваквата дигитална алатка, напомена Буџаку, е една од најсовремените мерки во кризниот менаџмент.
„Имавме две ексклучително тешки кризи во 2015 и 2016 година во тетовскиот и скопскиот регион, со изгубени животи на граѓани, но од тоа извлековме поука, дека една институција колку и да е силна и колку и да има спроведено реформи, мора да остварува поголема соработка“, рече министерот за одбрана Беким Максути кој ги посети учесниците на вежбата.
Не само квалитетни подготовки, дополни Максути, туку и сеопфатен одговор е многу битен за успешно справување со какви било непогоди.
„Да се биде подготвен за нешто што може да биде најлошиот ден во нашиот живот бара постијана заложба, координација и соработка. Природните катастрофи се непредвидливи и потребни се години на планирање, а вежбите се најдобар начин за да ги дочекате подготвено“, истакна командирот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј.
Според него, Американскиот корпус на инженери е веќе 20 години во Македонија, обезбедувајќи експертиза и обуки и координирајќи вежби како денешната.
„Вермонт има испратено голем број експерти за управување со вонредни ситуации и по неколку пати годшно за да помогнат во ваквиот тип подготовки. Ова е многу важен дел од нашата соработка со Македонија. Подобрувањето на меѓусекторската соработка ќе биде клучна во следните неколку години како што земјата ќе напредува кон НАТО“, подвлече Креј.