Одбраната на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков кој синоќа беше притворен, најави дека во текот на денов ќе поднесе жалба, бидејќи смета дека без да се повика и сослуша обвинетиот е недозволиво да му се одреди мерка притвор.
„Законот за кривична постапка наведува дека секое лице мора да биде повикано и сослушано и после неговата изјава да биде одредена мерка притвор“, изјави Антонио Апастолски, еден од адвокатите кои го бранат Мијалков.
Појасни дека Мијалков е притворен со образложение дека постои опасност за бегство. Решението за притвор е донесено по барање од обвинителите на СЈО.
Поранешниот директор на УБК синоќа беше спроведен од хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје во затворот во Шутка, а неговите адвокати најавија дека ќе го искористат правото на жалба. Посочија дека неговото приведување е незаконско и најавија жалби до Апелацискиот суд.