Македонските компании очајно бараат кадар, младите масовно се иселуваат, а државата нема решение. Недостигот на работна сила е најголемиот ограничувачки фактори покрај недоволната домашна и странска побарувачка со кој се соочуваат македонските компании.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека се неопходни промени во системот на формалното образование кое треба да го реши проблемот, а неформалното образование може само краткорочно да го надмине јазот помеѓу недостигот од работна сила и потребите на пазарот на трудот.
Оттаму истакнуваат дека во услови на пораст на индустриското производство, зголемување на извозот и поволните оценки за економската состојба во државата главен проблем на компаниите останува недостигот на квалификуван кадар.
„Обезбедување на работна сила е највисокиот приоритет за бизнис секторот. Овој проблем треба да се решава со реформи во образовниот процес, но и со брзи кратки решенија, како преквалификација и дуално образование“, вели Даниела Михаловска -асилевска од Стопанската комора.
Од Комората препорачуваат да се изградат силни механизми што ќе ја засилат и подобрат финансиската поддршка на учениците во текот на нивниото школување за да се зголеми атрактивноста на стручното образование, да се подобри практичната работа на учениците како во училиштата, така и кај работодавачите во реални услови.
Сметаат дека е потребно да се воведат и стимулациски мерки за бизнис секторот за негова поголема вклученост и соработка со средните стручни училишта, стимулативни мерки за наставниците, но и можност за наградување на учениците кои учествуваат во создавање на приходи преку училишните економии, како и подобрување на состојбата на стручните училишта со лаборатории, работилници, нагледни објекти, опрема и потрошен материјал.
Најголем недостатокот на квалификуван работен кадар во земјава има од металната струка, услужните дејности во областа на туризмот и ИТ скеторот, машинската и градежната струка.