Оградата од ковано железо која ја опколува Владата заминува во историјата. Одлуката поминала вчера на владина седница, изјави денеска портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.
Оттаму образложуваат дека целта е јавниот простор околу објектот да биде целосно ослободен и подостапен за сите граѓани.
„Железната ограда ќе биде ставена во депо. Бетонските столбови во овој момент, поради тоа што нивното отстранување чини премногу и имајќи предвид дека се закопани метро и триесет сантиметри под земја, ќе останат бидејќи владата нема намера да троши дополнителни пари за да се исправат грешките на минатата влада,“ вели Бошњаковски.
Владата за отстранувањето нема да трошела пари на граѓаните, ќе го направела тоа работен ангажман на службите во Владата, кажа тој.
„Тргањето на оградата ќе чини 0 денари. А за тоа што ќе се прави со неа, ќе донесме одлука откако ќе ги консултираме граѓаните. Ќе одржиме една-две дебати и на еден инклузивен начин, по консултации со јавноста ќе донесеме заклучок кое ќе биде најдоброто решение“, рече Бошњаковски.
За концептот на отворена влада во повеќе наврати зборуваше и премиерот Зоран Заев, кој ветуваше дека ќе се направат клупи и масички од железото на оградата. Но неизвесно е дали железото ќе биде пренаменето за тие цели или, сепак, ќе заврши во отпад.
Одлуката за отстранување на оградата, сосема очекувано, предизвика различни коментари и на социјалните мрежи.
Оградата од ковано железо беше поставена некаде пред крајот на 2015 година кога всушност се менуваше и фасадата на Владата. СДСМ уште тогаш ветуваше дека штом дојде на власт ќе го отстрани, како што велеа, симболот на груевизмот и владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.