Специјалното јавно обвинителство (СЈО) значително придонесе кон повторно воспоставување на одговорност и кон борбата против неказнивост. Од огромна важност е СЈО да продолжи со гонењето на оние кои се одговорни, на сторителите, и тоа да го прави на професионален начин и независно, вели во пишаната изјава шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Самоел Жбогар.
„Одблиску ги следевме дискусиите за нацрт законот, кои се одвиваа помеѓу владата и главната опозициска партија. Ги поттикнуваме сите парламентарни политички партии и почитувани членови на Собранието позитивно да го земат во предвид усвојувањето на законот“, истакна Жбогар.
Според евроамбасадорот, ова ќе им ја покаже на граѓаните, како и на меѓународната заедница, посветеноста за утврдување одговорност за сите кривични дела, особено за корупцијата на високо ниво и злоупотреба на моќ, но и за зајакнување на владеењето на правото во Република Северна Македонија.
„Исто така, ќе придонесе кон исполнување на желбата на граѓаните за фер општество, засновано на правила, што всушност е суштината на процесот на проширување на Европската Унија“, вели Жбогар во писмената изјава.