Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска со повеќе активности ќе ја одбележи 70-годишнината од основањето и 24 Мај, Денот на светите Кирил и Методиј и патрониот ден на Универзитетот.
Во универзитетскиот кампус ќе има молебен посветен на браќата просветители, со кој ќе чиноначалствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Делегации ќе положат цвеќе пред споменикот на Кирил и Методиј на универзитетскиот кампус, а потоа во аулата на Ректоратот ќе биде промовирана монографијата „Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје 1949 – 2019“. Ќе им бидат доделени награди на најдобрите студенти на УКИМ.
Свечената академија ќе се одржи од 20 часот во зградата на Филхармонија, каде се предвидени обраќања на ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски и премиерот Зоран Заев.
Ќе настапи хорот „Драган Шуплевски“ и Симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност по диригентство на Сашо Татарчевски и Борјан Цанев.
Предвидена е и проекција на филмот за 70-годишниот развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Влезот на свечената академија е слободен.