Дваесет и деветгодишна жена денес во Полска роди шесторка, што е прв случај во земјата. Бебињата, од кои четири се девојчиња, се родени со царски рез на Универзитетската болница во Краков, Полска.
„Ова е прв пат во полска да се родат шест бебиња одеднаш, а тоа е ретко и во светот“, вели шефот на болничкото неонатолошко одделение, професор Ришад Лотербах, додавајќи дека ова и за лекарите било изненадување затоа што очекувале пет бебиња.
„Бебињата се родени во 29-тата недела на бременоста и нивните поединечни тежини се движат од 890 до 1300 грама“, рече портпаролката на болницата Марија Влодковска.
Претседателот Анджеј Дуда им честита на родителите и на лекарите на „Твитер“, а локалниот фудбалски клуб „Краковија“ им понуди доживотни билети за нивните натпревари со порака дека им држат палци на бебињата.
Веројатноста да се роди шесторка е една во пет милијарди.