Дваесет и осми септември, денот кога претставниците на Бошњачкиот народ на вториот бошњачки сабор во Сараево го вратија своето национално име Бошњак, е прогласен за Меѓународен ден на Бошњаците. По тој повод државниот врв на Република Македонија упати честитки до бошњачката заедница во нашата држава.
„Упатувам искрени честитки до граѓаните во нашата држава за Меѓународниот ден на Бошњаците. Бошњачката заедница во Република Македонија дава активен придонес во демократските и општествените процеси, а со тоа и во напредокот и во развојот на Република Македонија. Низ пријателството и толеранцијата, грижата и разбирањето, трудољубивоста и соживотот кон што сте определени, вие почитувани граѓани, имате значајна улога во изградбата на Република Македонија во едно општество за сите и дом за сите граѓани.
Покажавме дека заедно можеме да ги менуваме работите на подобро. Се обединивме заедно во Македонија. Следниот наш чекор е да ја обединиме Македонија во евро-атлантското семејство, таму каде што припаѓаме како граѓани, независно на која етничка заедница припаѓаме. Ве повикувам да продолжиме да работиме заедно, да си помагаме и да се почитуваме. Ви благодарам што придонесувате во заложбите за квалитетен живот на сите граѓани во Македонија и за просперитетот на Република Македонија“, истакна премиер Зоран Заев во својата честитка.
„Во мое име и во името на сите граѓани на Република Македонија, би сакал најсрдечно да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, и да ви посакам добро здравје, успех и благосостојба. Како и речиси сите балкански држави, и Македонија во еден период од историјата беше дел од Османлиската Империја. Но, за разлика од речиси сите други балкански држави, Македонија не го отфрли, туку го прегрна најдоброто и највредното од ова наследство, а тоа е моделот на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Празнувањето на 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците е симболичен израз на длабоката и реална почит што Република Македонија ја има за своите граѓани кои се дел од бошњачката заедница.
Делата со кои придонесувате кон демократскиот и економскиот напредок и промовирањето на нашата заедничка татковина се најдобар доказ дека вие, Бошњаците, сте лојални граѓани на Македонија. Со сето тоа, вие придонесувате кон градењето на меѓусебната доверба во нашето општество, која ни е потребна повеќе од кога и да било порано. Затоа, наш завет е и во иднина да продолжиме да градиме мостови на пријателства и заедно да чекориме кон заедничката европска иднина на Република Македонија“, наведе претседателот Ѓорге Иванов во честитката.