Иранската организација за атомска енергија изјави дека државата наскоро ќе го надминие лимитот на дозволен збогатен ураниум согласно меѓународниот договор од 2015-та година. Организацијата соопшти дека резервите ќе се зголемат, односно ќе стасаат до повеќе од 300 килограми лимит до 27 јуни.
Иран веќе за четири пати го зголемил производството на нискозбогатен ураниум, а од официјален Техеран велат дека ќе го зголемат нивото на збогатување на ураниум “на основа на потребите на земјата”. На Иран му се потребни пет проценти збогатување за нуклеарната електрана во јужното пристаниште Бушер и 20 проценти збогатување за истражувачкиот реактор во Техеран.
Сепак, Организацијата нагласи дека Иран ќе биде отворен повторно да го разгледа лимитот, ако добие помош од другите потписнички на договорот, во избегнување на санкциите од САД наменети за виталната нафтена индустрија.
Иран се согласи да ја лимитира нуклеарната програма согласно Договорот од 2015-та година, а за возврат да добие олеснување на економските санкции.
САД, пак, се повлекоа од Договорот минатата година, оставајќи ги Британија, Кина, Франција, Русија и Германија да најдат начин како да го одржат функционален.