Државната комисија за спречување корупција го известила Собранието дека премиерот Зоран Заев не може да ја извршува и функцијата министер за финансии.
Од комисијата укажуваат на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси во кој се наведува дека службено лице е должно да внимава на судирот на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување.
„Избрано или именувано лице за време на траење на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата на неспоивост на функцијата која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот или законите“, се наведува во соопштението на ДКСК.
Според соопштението, функцијата премиер и министер се неспојливи една со друга.
„Имено во случај кога претседателот на Владата на Република Северна Македонија би се избрал за министер за финансии ќе настане повреда на горецитираните одредби, при кои што Државната комисија ќе биде принудена да преземе конкретни мерки согласно нејзините надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси“, заклучува ДКСК.
Поради тоа, премиерот Зоран Заев на денешната седница на Собранието на која имаше експозе за реконструкцијата на владата, го повлече предлогот тој самиот да биде и министер за финансии, но додаде дека сепак со овој ресор ќе раководи токму тој додека не биде избран нов министер.