Принцот Никола Петровиќ, внук на кралот Никола, вчера во Мартиниќи кај Даниловград го отвори првиот Музеј на магариња. Влезницата е килограм моркови или килограм јаболка, кои ќе им се даваат на животните на фармата.
Наместо со француски коњак, принцот на отворањето со гостите наздрави со магарешко млеко.
„Јас сум единствен принц во светот што отворил Музеј на магариња и со тоа се гордеам“, рече принцот Никола.
„Магарешкото млеко е доста здраво, посебно полезно за заболувања на белите дробови, кашлица, бронхитис, астма. Она што народот го нарекува магарешка кашлица, се лекува само со магарешко млеко. Ова е најскапото млеко на планетата. Многу е слично на човековото млеко и чини 50 евра по литар“, препорачува Дарко Савељиќ, сопственик на фармата.
Фармата за магариња е отворена во 2015 година и претставуваше вистинска атракција за многубројните посетители. За да ја заокружат понудата, сопствениците на фармата – семејството Савељиќ, одлучиле да го отворат Музејот.
„Направивме Центар за посетители, кој досега го посетија 56.000 луѓе од земјата и од светот. Сега имаме и Музеј. Во него има предмети што се користат во одгледуваето магариња – коси, коли, самари. Најстариот самар ни’ е од Втората светска војна“, вели Савељиќ.
На отворањето на Музејот присуствуваа голем број пријатели на фармата и љубители на ова интелигентно животно.
Инаку во цела Црна Гора има околу 150 магариња.