Владата работи на изработка на акциски план за справување со дезинформациите, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција. Како што предочи Заев, акцискиот план се презема како чекор против сајбер заканите и масовното ширење дезинформации.
„Дезинформациите се еден од главните предизвици на демократијата и алатка за манипулација на граѓаните. Злоупотребата на технологија стана сериозен упад во демократските процеси и сериозно се заканува да влијае на довербата на граѓаните во институциите. Република северна Македонија во изминатите две години се соочи со масовно ширење дезинформации, а дел беа споделени и од територии на други држави“, рече Заев.
Целта на изработката на акцискиот план, како што кажа е да се зајакне националната безбедност и сигурност, а за планот ќе се консултираат и со граѓанскиот сектор и со медиумите.
Тој информираше дека акцискиот план има две компоненти, безбедносни и проактивни мерки. Исто така, ќе се формира акциска група за борба против дезинформации која ќе анализира и ќе ги следи нападите. Групата ќе ја води министерот за отчетност, Роберт Поповски.
„Затоа Владата ќе формира акциска група за борба против дезинформациите и нападите на демократијата како и процес на Национална стратегија за креирање на Национална стратегија за медиумска писменост во чии рамки ќе бидат офатени институциите, медиумите и граѓанскиот сектор“, најави премиерот.
Проактивните мерки подразбираат – дополнителна транспарентност и зголемување на довербата на граѓаните во институциите.