Министерство за здравство го распиша тендерот за изградба на новиот Клинички центар на локацијата „Веле Поле“ во општината Ѓорче Петров.
Во огласот објавен на Бирото за јавни набавки не е наведена проценета вредност на проектот, туку се наведува дека новиот универзитетски клинички центар ќе се гради на грин-филд локација по модел “клуч на рака” со поддршка при менаџирање на проект.
Оние компании (и домашни и странски), кои ќе учествуваат на тендерот, треба да извршат проектирање, планирање и подготовка на документација, потоа изградба, опремување и управување со информациски систем, медицинска и немедицинска опрема. Исто така, треба да управуваат со трансферот и „преселувањето“ на Клиничкиот центар.
Она што е најбитно, како критериум за доделување на договорот не е најниска цена, туку најдобар сооднос меѓу квалитетот и цената, со тоа што квалитетот носи 70, а цената 30 бода.
Во огласот за јавна набавка стои дека рокот за реализација е 90 месеци. Новиот Клинички ќе се гради со 500 милиони евра, пари кои ќе се обезбедат преку заем од „Рајфајзен банк“, „Ерсте груп“ и „Уни кредит банка“.
Министерот Венко Филипче, минатата недела на брифинг со новинарите рече дека изградбата на новиот Клинички центар ќе трае седум години.
„Изградбата ќе започне на почетокот на идната година. Првата фаза ќе биде готова за 3.5 години кога би се префрлиле некои оддели. Најпрво ќе профункционираат хируршките клиники, операционите сали и Ургентниот центар. Потоа ќе се префрлат клиниките за гинекологија, за педијатрија, па онкологија. Инфраструктурата ќе се плати со пари од буџетот. Ова е најважен капитален објект од значење за целата држава. Ќе има модерен начин на давање здравствена услуга, како што функционираат модерните држави. Сè ќе има во една зграда, сè ќе биде на едно место“, рече Филипче.
Овој центар треба да ги опслужува граѓаните во наредните 70-80 години.
Местото Веле Поле во Ѓорче Петров, се наоѓа близу обиколницата на влезот во Скопје, од правецот на Тетово. При изборот на локацијата беше важно таа да е транспортно пристапна, економски оправдана и достапна за граѓаните.