Еден од најголемите историски музеи во Европа , Зелениот трезор (Grünes Gewölbe) во Дрезден е ограбен рано утринава, а крадците однеле збирка накит вредна над милијарда евра.
Музејот поседува една од најголемите колекции накит, а според полициските информации, крадците провалиле во историскиот дел на музејот, кој се состои од два дела.
Во едниот се чува богатството од периодот на Август Втори, до 1733 година, а во другиот, нов оддел, има посебни експонати што му биле донирани на музејот од поединци.
Билд пишува дека имало прекин на електрична енергија во музејот и се верува дека станува збор за саботажа.
„Разбојниците преку прозорец влегле во музејот, а потоа побегнале со автомобил. Полицијата трага по нив“, изјави пред новинарите полицискиот портпарол Томас Гитнер.
Тој додаде дека пожарот што избувнал ноќеска на мостот во близина на музејот, се верува дека е поврзан со прекинот на електричната енергија.
Музејот се состои од десет богато украсени простории кои прикажуваат околу 3000 парчиња накит и други ремек-дела направени од злато, сребро, скапоцени камења, слонова коска и друг вреден материјал.
Зградата била оштетена во Втората светска војна, но била повторно изградена. Таа е едно од најпосетуваните места во Дрезден од повторното отворање во септември 2006 година.
Еден од највредните експонати на музејот во Дрезден, 41-каратниот зелен дијамант, во моментов е сместен во Метрополитен музеј на уметноста во Њујорк, како дел од изложбата Making Marvels: Science and Slendor at Courts of Europe.