Дезинфекција на општинските и државните институции, наставата во основните училишта се одвива по електронски пат

 

Во рамки на одлуките на Владата и Министерството за здравство, како и на препораките на градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, за преземање мерки за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од корона вирусот, денеска екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Прилеп започнаа со дезинфекција на општинските и државните институции во градот.

 

Дезинфицирани се општинските основни и средни училишта, објектите на ЈОУ Детска градинка „Наша иднина“ и Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“.

 

Директорот на ООУ „Климент Охридски“, Зоран Сребреноски, вели дека стручни екипи на Центарот за јавно здравје ги дезинфицирале сите училиници, кабинети, канцеларии, тоалети, спортската сала и другите помошни простории во двете училишни згради. Директорот Сребреноски истакнува дека училиштето презема напори за, онолку колку што условите дозволуваат, реализирање на еден дел од наставниот процес преку вибер комуникација на учениците со своите наставници.

 

„Тешко е, но тоа е единствениот начин на кој што во вакви услови може да се реализира наставата. Секој одделенски раководител по електронски пат ги добива содржините од предметните наставници и ги испраќа до учениците. Во сето ова се вклучени и родителите, така што одделенскиот раководител има повратна информација дали учениците ги добиваат тие содржини и дали ги реализираат. Ако има потреба за дополнителни објаснувања, наставниците се тука за повторно да се вклучат, за да се реализира тоа што може да се реализира, односно да се спаси тоа што од наставата може да се спаси“, објаснува Зоран Сребреноски, директор на ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп.

 

Ваквиот начин на изведување на наставата се спроведува во сите општински основни училишта во Прилеп.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи