Локалните власти предводени од кадри на ДПМНЕ кои се личен избор на Христијан Мицкоски, 5-та година со ред го уништуваат Прилеп. Ако за време на денешниот престој во Прилеп, неговите сопартијци го прошетаа низ градот и околината, Мицкоски ќе дознаеше зошто прилепчани се’ погласно зборуваат дека Дејан Проданоски е најнеспособниот и најарогантниот градоначалник во историјата на Прилеп, стои во реакцијата на ОО СДСМ Прилеп по повод денешната посета на премиерот Христијан Мицкоски на фабриката „WIK“ во ТИРЗ „Прилеп“.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
„Со свои очи Мицкоски ќе се увереше дека изградбата на мостот „Табана“ кој требаше да биде готов уште пред два месеца, а каде што патем речено пред дваесетина дена се сликаше, не е помрдната од мртвата точка.
Ќе видеше дека улицата „Кузман Јосифоски“, од кружниот тек пред ЦК „Марко Цепенков“ до ООУ „Климент Охридски“ е претворена во нива ораница, дека движењето по неа станува невозможно дури и за пешаците, исто како што ќе ги видеше и катанците на прилепскиот театар и двете спортски сали.
Можеби премиерот ќе го прашање прилепскиот градоначалник зошто ги нема најавените обиколници „Исток“ и „Запад“, што се случува со изградбата на помпезно најавениот спортско-рекреативен парк од 30.000 квадратни метри кај Волково, зошто населбата Градина зјае празна, каде е ветеното уредување на Градска река по целата нејзина должина, кога ќе почне изградбата на новата градинка во населбата Рид, а ако пак во градот го затекнеа првите вечерни саати, ќе дознаеше и зошто Прилеп го викаат „Зона на самракот“.
Наместо соочување со прилепското тажно секојдневие, Мицкоски одбра да ни соопшти дека денес се живеело многу подобро отколку пред 3 години, што е уште една потврда за забеганоста на премиерот и немањето чувство за реалните состојби во Прилеп и во Македонија.
Граѓаните знаат дека за само 2 години, Мицкоски и неговата Влада го зголемија долгот на државата за цели 4 милијарди евра, доведувајќи ја до прагот на банкрот.
Граѓаните се тие кои сведочат за уништеното земјоделие, украдените пензионери, осиромашените граѓани, уништеното образование, опљачканата држава – се’ во режија на актуелната Влада.
Впрочем, последниот скандал со криминално потрошените 5 милиони евра народни пари кои завршија на којзнае чии сметки, го потврдуваат фактот дека со Македонија владее злосторничко здружување“, стои во реакцијата.