Германската инвестиција WIK за производство на кафемати кои се наменети исклучиво за извоз денеска во ТИРЗ Прилеп го отвори својот втор погон кој ќе биде наменет за циркуларната економија, односно за поправка на апаратите што ќе било единствен ваков погон на Балканот.
„Веруваме дека ова ќе биде нова можност за индустријата во Македонија севкупно поради блискоста до европскиот пазар. Имаме намера да создадеме пример кој другите ќе го следат, односно ќе земаме расипани продукти кои се враќаат од пазарот, ќе ги анализираме, ќе ги поправиме, ќе преработиме и ќе ги претставиме како нова бизнис можност за нашите клиенти, но и како сервис за потрошувачите во Европа. Локацијата на Македонија е доста погодна тоа да се прави оттука“, истакна Кристоф Доерн, извршен директор и сопственик на WIK.
Сопственикот на WIK истакна дека во изминативе 9 години стекнале голема доверба во македонските работници, затоа се одлучиле и за оваа нова инвестиција.
„Веруваме дека има голем потенцијал за WIK и за другите компании, но и за образовниот систем во Македонија, така што ако изградиме силна соработка помеѓу Владата, образовниот систем и индустријата, ова ќе биде доста добра можност за младите луѓе, така што кога ќе завршат факултет и стручно училиште ќе можат да најдат работа што ги инспирира во земјата“, додаде Кристоф Доернн, извршен директор и сопственик на WIK.
Премиерот Мицкоски кој денеска ја посети фабриката истакна дека за 2 години нивото на странски инвестиции во Македонија било 1,4 милијарди девра, а додека во првите 2 години на претходната Влада тоа било 750 милиони евра.
„Вчера имавме почеток на една огромна инвестиција, половина милијарда долари. Сопственикот на таа инвестиција рече дека ќе ја дуплира инвестицијата, тоа е ветерниот парк кој ќе се протега во општините Радовиш, Штип и Карбинци. Денес пуштаме уште еден производствен погон во Прилеп, овде во WIK. Владата целосно е ориентирана кон привлекување на странски инвеститори, но и домашни се разбира“, изјави Христијан Мицкоски, премиер на РМ.
Во новиот погон на WIK треба да се отворат 300 нови работни места, а во сегашниот погон работеле 500 работници.