Модерното општество и технологијата која нуди пристап речиси до се, како да сака да ја фрли во сенка љубовта кон литературното творештво, па некако „врзани” за компјутерот и социјалните мрежи и портали, губејќи се во лавиринтите на информациите на модерниот свет, ги подзаборавивме традиционалните навики за читање на КНИГА.
Се тек на годините, библиотеките се помалку се посетени иако достапноста до творештвото на наши автори, а и до бројни книжевни дела од познати светски автори постојано расте и отвора можности за длабоко осознавање на светското литературно творештво. Во трка со времето за да се биде во чекор со модерното, заборавивме колку малку е потребно за да се исполни умот и душата со игривоста на зборовите подредени според правилата на авторот.
Потенцијалното „исчезнување на книгата“ внесува незадоволство кај многумина кои ја согледале огромната разлика при ефектите кај читателот кога се чита книга, а воедно и разликата дали е книгата во дигитална и во печатена верзија.
Непредвидливата денешна ситуација поврзана со присуството на COVID 19 не потсети на вредноста на книгата, задоволството кое го дава прочитаната книга на читателот и колку пишаниот збор може да го нахрани нашиот дух.
Полека оживуваат емотивните врскикои ги имаме со книгите, а ги градиме со читањето како дел од животот.
Копнеж и Носталгија буди допирот на корицата, шумот на звукот од листењето на прочитаната страница, формата и линеарноста на малите печатени букви подредени на страниците…
Денес, 23-ти Април кога го прославуваме денот на книгата и авторското право, нека во сите нас се разбуди поччитта кон творештвото и кон авторите кои преку моќта на пишаниот збор се трудат да допрат до секој од нас, да ги разбудат нашите мечти, да ги подобрат нашите мисли и да не потсетат дека книгите се хранат за нашиот ум и душа, и преку нив растеме, се поврзуваме и веруваме во посветла иднина на овој свет.
Автор : Мрежа на ЛАГови