Ново изграденото училиште во населбата Сточен пазар во Прилеп од страна на претходната локална самоуправа сега околу 3 години по изградбата е комплетно руинирано. Објектот изграден со народни пари вреден 10 милиони денари е оставен на милост и немилост на крадците. Украдени се цели прозорци и врати, уништена е дограмата, искината е електрична инсталација, дури е украден и гумиран под во училниците. Сегашната локална самоуправа не го пушти училиштето бидејќи не било на соодветна локација, изградено покрај градската река во комплетно неурбанизирана средина. Жителите на населбата Сточен пазар се поделни околу тоа дали објектот треба или не да биде училиште, но сите го осудуваат тоа дека е оставен без никој да се грижи за него.
„Знаеш што значи направено нешто да го уништиш? Наместо да му ги дадат клучевите таму, тоа е државно, можеше да биди училиште, можеше да биди градинка, ова е катастрофа што се прави“, рече една жителка на населбата Сточен пазар
„Градоначалникот тој е крив, оставено е на милост и немиилост. Локацијата одговара за училиште“, вели друг жител на населбата.
„Таа локација не е за училиште, децата покрај реката ги отераа, требаше друга локација. А тоа дека треба стражар треба, како така да се уништува државен имот“, додаде трет жител на населбата.
Во училиштето, кое требаше да се вика Свети Никола по заштитникот на Прилеп, требаше да учат околу 170 деца од прво до петто одделение. За оваа негрижа денеска одговорност побараа и од ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
„Наместо тука во изминатите 3 години да се слушаше детскиот џагор, да се отвореа нови работни места за наставници, тврдоглавоста и суетноста на Јованоски и СДСМ беа пресудни. Заборавете на политиканството и изговорите, фатете се за работа и спасете го ова училиште додека сеуште има време“, истакна Гоце Бумбароски, член а ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Од Општина Прилеп преку соопштение истакнаа дека учичиштето е градено надвор од сите стандарди, среде поле, без струја, без вода и канализација и без дефиниран училишен двор и пристапен пат до парцелата. Заради сите овие пропусти во изградбата, објектот во „Сточен пазар“ немал технички прием и ова според локалната самоуправав е проект од кој секоја одговорна власт и партија би се срамеле.
Но нема одговор дали овој објект граден со државни пари ќе се пренамени и зошто е оставен без никаква грижа за него.