Комисијата за заразни болести го утврди протоколот на кој начин да се одржат активностите на партиите за време на изборниот процес во услови на присуство на корона вирусот, како и за денот на гласањето. Препораките се подготвени по барање на претседателот Стево Пендаровски по лидерската средба која се одржа во вторникот.
Сите активности ќе се одржуваат на физичка дистанца од 1.5 до 2 метри раздалеченост, со носење на потребната заштитна опрема, односно маска, како и често дезинфицирање.
Дозволени ќе бидат партиски собири, кои согласно големината на просторот каде што се одвиваат активностите треба да биде и бројот на учесници, а на кои преку разглас ќе се предупредуваат симпатизерите да не се собираат во поголеми групи.
Дозволени ќе бидат и посетите на домовите од страна на партиски симпатизери и функционери, но со задолжително носење маска и држење на растојание, и да не се влегува во внатрешноста на домот.
Активностите на партиските штабови да бидат на отворено, а доколку се во затворена просторија да се врши секојдневно проветрување и дезинфекција на истата, додека состаноците да не бидат подолги од два часа.
Дозволен е и превоз по партиските активности, но со задолжително носење на маска во возилото, како и со преполовен капацитет на истото.
За време денот на изборите, на секое избирачко место задолжително треба да има средства за дезинфекција, со кои гласачите и при влез и при излез ќе треба да се дезинфицираат. За време на гласањето, гласачите ќе треба да ја отстранат маската со цел да бидат идентификувани.
Во избирачкото место не треба да има повеќе присутни гласачи од бројот на гласачки пунктови.
Членовите на избирачките одбори и набљудувачите задолжително ќе мора да носат маски и ракавици, а просториите да бидат со отворени прозори, или пак да се проветруваат секој час.
Исто така, предвидено е времето за гласање, кое нормално трае 12 часа, односно од 7 до 19 часот, да се зголеми за дополнителни два часа.