Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе предлози за издавање казнени налози против вкупно осум лица, кои не ги почитувале мерките на Владата донесени со цел спречување на заразната болест Ковид-19.
Спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, обвинетите за време на полицискиот час се движеле на различни локации во градот, со што сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Во предлогот поднесен до Основниот суд Прилеп, Обвинителството бара за секој од обвинетите да биде изречена парична казна од 100 дневни глоби со поединечна вредност на глобата од 20 евра во денарска противвредност, соопшти Обвинителството.