Владата на вчерашната седница, спротивно од препораките на Комисијата за заразни болести за воведување полициски час од 22 до 5 часот претстојнава седмица, одлучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во критичните општини и во Скопје каде има поголем број на заболени.
„Предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести. Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи и инспекторатите да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки“, соопшти владината прес служба.
Ќе се засилува и контролата на лицата во изолација, кои задолжително ќе треба да ја инсталираат апликацијата Стоп Корона, а сите оние што ќе го прекршат решението за изолација или ќе дадат лажни контакти ќе одат во државен карантин на нивна сметка.