Ова се деновите во кои барајќи ја вашата доверба ги промовираме нашите капитални проекти за кои се обврзуваме дека ќе ги реализираме во наредните 4 години, но и денови во кои треба да потсетиме на лажните ветувања на СДСМ, изјави на денешната прес конференција кандидатката за пратеник Ане Лашкоска.
„СДСМ и Зоран Заев во предизборната програма во 2016 година ветуваа изградба на 550 км магистрални и регионални патишта, 600 км автопати и експресни патишта и 1000 км локални патишта, а од сето тоа -НИШТО!
Со оваа власт на СДСМ за прв пат слушнавме дека изгребен асфалт и поставен нов слој бил капитален проект. Да не беше трагично,ќе беше смешно!
Рекетот на СДСМ направи да големи проекти кои ги започна претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, бидат закочени, а сето тоа на штета на државата и граѓаните.
Во изборната програма насловена како “Проект Обнова” се обврзуваме на реконструкција, рехабилитација и проширување на најмалку 1.000 км магистрални, регионални и локални патишта.
Тоа значи дека во Република Македонија наредните 4 години ќе се одвива целосна градежна офанзива, и тоа без исклучок во сите региони“, кажа Лашкоска.