Над 700 фирми добиле поддршка од државата за исплата на плати, но парите не стигнале на „адреса“ на вработените.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференција соопшти дека 281 работодавач во април примиле поддршка во износ од 9 милиони 995 илјади 565 денари, а не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработен. Во мај 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13,698,998 денари.
Останати микро, мали и средни компании, односно вкупно 3,746 компании на над 52 илјади работници им го скратиле минималецот и исплатиле 1,5 милиони евра помалку.
„Управата за јавни приходи располага со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следи состојбата на искористеност на мерките, но и почитување на обврските од законот. Податоците за компаниите кои примиле финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на платата ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка од каде истите ќе може да бидат и јавно објавени“, рече Лукаревска.
Апелираше до сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта била да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите.