Владата по втор пат ќе се обиде да го реши проблемот со прилепски „Еурокомпозит“

Владата на Република Македонија по втор пат во својот досегашен мандат ќе го решава проблемот со државниот загубар „Еуркомпозит“ бидејќи јунската спогодба меѓу раководството и синдикатот на вработените не даде резултат и вработените повторно излегоа на протести.

 

„Владата на својата редовна, 32 седница, усвои информација со предлози за надминување на состојбата во Друштвотo за производство на производи со посебна намена „11 октомври-Еурокомпозит“ АД Прилеп. За таа цел, Владата ги задолжи Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, и Министерството за финансии, во соработка со Генералниот Секретаријат да подготват соодветен акт за надминување на состојбата во оваа компанија“ соопштија од Владата за донесената одлука.

 

Во јуни годинава вицепремиерот Анѓушев исто така беше задолжен за изнаоѓање решенија за „Еурокомпозит“ кога во име на Владата беше потпишана спогодба помеѓу раководството на Еурокомпозит и претставниците на градскиот синдикат СЕИР, со којашто секоја од страните ќе биде должна да го реализира својот дел од преземените обврски и претпријатието ќе продолжи со работа, а вработените ќе можат да земат плата

 

Работниците на „Еурокомпозит“ тврдеа дека потпишаната спогодба не се почитува и повторно ги активираа протестите, заостанатите плати не им се префрлени, односно добиле само дел за јануари, а тврдат дека веќе 5 години не им се плаќаат придонесите за пензиско осигурување.

 

Новиот директор на „Еурокомпозит“ Александар Кузески, кој го замени Марјан Додевски, велеше дека не го оспорува правото на штрајкот на вработените бидејќи ситуацијата во „Еурокомпозит“ е тешка со години.

 

Вкупните трошоци на компанијата лани изнесувале 110, 56 милиони денари и од приходите се повисоки за 68,8 милиони денари. Дека приходите на „Еурокомпозит“ се се помали покажуваат и бројките, во 2014 година имале приход од 100 милиони денари, а во 2015 година 65,5 милиони денари.

 

Сметката на друштвото е блокирана за износ од 136,5 милиони денари (над 2,2 милиони евра) и има опомена за враќање на позајмица во износ од 15,75 милиони денари од Министерството за финансии. Акумулираната загуба на „Еурокомпозит“ е и најголемиот проблем бидејќи достигнала неверојатни 1,17 милијарди денари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи