Денеска, во модуларната болница при Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби започна вакцинацијата на здравствените работници против КОВИД-19 во земјава. Денеска се планира да се вакцинираат 260 здравствени работници од вкупно 4.000 пријавени.
Први се вакцинираа Главна сестра Габриела Темелковска и примариус д-р Добринка Наунова Јовановска, специјалист за неуроинфекции од инфективната клиника – медицински работници со значајно искуство на клиниката и огромен придонес во борбата со Ковид-19. Д-р Наунова Јовановска е инфектолог кој интензивно работи на комуникација со матичните лекари, како и во лекување на пациенти со други инфективни заболувања сместени на други клиники.
По примањето на вакцините против КОВИД-19, тие изјавија дека се чувствуваат добро и упатија порака дека имунизацијата е единствениот начин за да ставиме крај на пандемијата предизвикана од овој непредвидлив вирус.
„Јас ја примив вакцината, се чувствувам одлично. Самото аплицирање на вакцината е безболно и можам да препорачам секој од нас кој е во оваа држава да прими вакцина, по сопствен избор нормално, кој сака Pfizer, кој сака некој друг тип вакцина. Тоа е единствен начин да се заштитиме од овој тип на инфекција што се случува последнава година, со која цел свет се бори, па и ние. Втората доза се прима на дваесет и првиот ден, и тоа е закажан термин кога треба да ја примам втората доза. Имунитетот се стекнува веќе за две до три недели, се постигнуваат заштитни антитела. Тоа е индивидуално, би требало да се постигне тој имунитет. Ќе се чувствувам посигурна, во однос на тоа ако случајно дојдам во контакт со некој кој е инфициран, мислам дека многу полесно ќе се справам со таа инфекција“, рече инфектологот Наунова Јовановска.
„Ги поканувам сите да се пријават да се вакцинираат. Секако дека се чувствуваме посигурни, со вакцинацијата ќе се намали и бројот на новозаболени и ќе почнеме да се враќаме во нормален живот“, додаде главната медицинска сестра на Инфективната клиника Темелковска.
За денешниот ден, предвидено е вакцинирање на 260 здравствени работници. Согласно планот за вакцинација на здравствените работници, први ќе се вакцинираат оние здравствени работници кои работеле и работат со КОВИД пациенти од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Градската општа болница „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, клиниките во склоп на интерните клиники кои хоспитализираа пациенти. Веќе од следната недела вакцинацијата ќе започне и кај медицинските лица во болниците низ државата, како и приватните болници.
Инаку досега се пријавени 4.000 здравствени работници, од нив, околу 2.000 здравствени работници се во Скопје, а останатите се во другите градови. На веб-страницата досега над 46 илјади лица ја пополниле формата за аплицирање. На овој начин, тие се регистрираат во електронскиот систем Мој термин, а матичниот лекар може да го види податокот за секој пациент. Преку оваа апликација, граѓаните искажуваат само интерес, но не и закажување за термин за вакцинација, истакнува Министерството. Мој термин го утврдува датумот и часот за вакцинирање согласно фазите кои се содржат во Националниот план за имунизација на населението во земјава.
Македонија очекува и 200.000 кинески вакцини против ковид-19, а во март и вакцината на „АстреЗенека“ од Ковакс-механизмот.