Патриотскиот Институт и УМС на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе излезат на протест пред затворот во Штип кој ќе се одржи денеска во 12 часот под мотото „Собир за слобода“. На протестот треба да се даде поддршка на затворените за случајот 27 април.
„Ги повикувам сите мои пријатели да дојдат и да ни дадат поддршка во овие тешки моменти за нас кога трпиме невидена неправда и изживување веќе четврта година. Ние сме четврта година во затвор, се надевам дека ќе имате време барем 2-3 часа од вашето време да дојдете да ни дадете поддршка на овој собир во недела. Ги повикувам сите политички партии, особено опозициските парламентарни и вонпарламентарни партии кои јавно застанаа зад нас со свои изјави дека сме неправедно осудени, ги повикувам да застанат заедно на овој собир, нека ве спои оваа наша неправда која ја гледате дека ни ја прават и изборете се правдата да победи преку тоа да дојдеме заедно и до слободата“, пишува во повикот на профилот Слобода за Јане Ченто.
Политичари од ВМРО-ДПМНЕ деновиве повикаа да се оди на протестот, а меѓу нив беше и Игор Дурловски кој беше ослободен од обвинение за овој случај.
„Денот кога треба да покажеме дека браќата од 27ми Април не се заборавени, напротив, делување, секој на свој начин, се до нивна слобода, напиша Дурловски.
Казни во времетраење од вкупно 211 години на обвинетите за упадот во Собранието на 27 април 2017 им беа изречени на 16 луѓе. Највисока казна од 18 години затвор доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков кој во деновите пред и за време на упадот во Собранието бил носител на златна команда во МВР. Тогашните колеги на Чавков од МВР, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви добија по 15 години затвор, Оливер Поповски- 13 години, а Оливер Радулов – 10 години затвор. Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање е казнет со 15 години затвор, а Абдуљфета Алими е осуден на 7 години затвор.
Од лицата кои влегоа во Собранието, највисока казна добија Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски-Кољо – по 15 години затвор; Вилијам Михајловски доби 14 години затвор, Игор Југ и Горанче Анѓелковски по 12 години затвор, а Александар Василевски – Нинџа доби 8 години затвор.