Речиси 126 милиони Американци, или околу една третина од жителите на САД, за време на изборната кампања во 2016 година на Фејсбук добивале содржини поддржани од Русија, стои во извештајот на Фејсбук.
Социјалната мрежа објави дека околу 80.000 објави од лажни руски сајтови директно дошле до 29 милиони Американци. Објавите најверојатно ги виделе многу повеќе луѓе, бидејќи „луѓето ги споделувале вестите“ и „лајкнувале“, па така, постои можност бројот на луѓе кои ги виделе содржините да е три пати поголем”.
До ова дојде откако Твитер објави извештај дека исто така откри голем број сметки поврзани со истите руски оперативци од Агенцијата за истражување на интернет, позната по промоција на промосковски пораки.
Изјавата на главниот советник на Фејсбук, Колин Стреч, е објавена пред сослушувањето, а е доставена до Одборот за правда. Извештајот го поднесоа Фејсбук, Гугл и Твитер. Слушањето е дел од конгресната истрага за руското користење на овие платформи за да влијае на изборите во САД.
Објавите на веб страниците поддржани од Русија, според проценките на Фејсбук, од јануари 2015 до август 2017 година, стигнале до половина од 250 милиони Американци кои можат да гласаат. Во 80.000 објави не се вклучени 3.000 Фејсбук реклами купени од ентитети од Русија.
Стреч во подготвена изјава објасни колку влијание можеле да имаат руските објави врз одлуката на гласачите.
– Според нашата најдобра проценка, околу 126 милиони луѓе веројатно виделе најмалку една објава во период од две години – се вели во изјавата.
Тоа е околу 0,0004 проценти од содржините на „Њуз фид“ (News Feed), или една од 23.000 објави.