Манастирската црква на манастирот Рождество на Пресвета Богородица кој се наоѓа над селото Горни Манастирец, во Поречиеито, Општина Македонски Брод е градена од камен и од свежо гасена вар, а фрескоживописот е работен со природни бои и со жолчка од јајце. Во однос на архитектурата, се смета дека од првобитната градба на манастирот е останата само црквата со јужниот параклис и нартексот. Надворешниот дел на храмот е со архитектонски изглед кој е духовно привлечен.
Во храмот има живопис од два периода, од 12. и од 19. век. Првиот и најстариот е од времето кога е подигната и црквата, најверојатно од 12. век или порано. Овие фрески своевремено пострадале, па затоа дошло до ново живописување во 19. век. Импозантниот фрескоживопис од постсветиклиментовиот период го вместува овој манастир во значајните споменици. Манастирската црква ја красат преубавите сочувани фрагменти, кои зборуваат за недостижната уметничка убавина. Разнобојните фреско-остатоци ги има и во наосот, а и во олтарната апсида. Откако е симнат горниот слој на фрески, кои се од 19. век, јасно се виделе фреските од 12. век, кои зрачат со убавината на средновековната византиско-словенска уметност.