Премиерот Зоран Заев ќе го разреши од функцијата директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски кој не сака да вработи 35 рамковни административци.
Заев рече дека таков пркос од Пауновски не е дозволен, и дека има доволно аргументи за да биде разрешен, и очекува предлог од вицепремиерот Љупчо Николовски.
„Институциите кажуваат дали некој од тие што им се понудени може да се вработи или не може, имало и други институции кои одбиле дел од предлозите. Но, секој ден да се препукувате со потпретседателот на Владата, гледам сега и со претседателот на Владата не може. Очекувам да биде даден предлог за негово разрешување и тоа од Љупчо Николовски. Сметам дека постои основ за негово разрешување затоа што не може да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените. Пауновски е мој пријател, но ова е пркос којшто е недозволен, хиерархијата треба да е поставена и треба да функционира успешно“, рече Заев.
Заев кажа дека од 1.349 рамковни административци кои земаа плата, а не одеа на работа, 1.182 прифатиле распределување, 38 одбиле и одат на трансфер листа, а 13 сами си дале отказ.
Пауновски денеска кажа дека ако премиерот не го разбира зошто не сака да ги потпише решенијата, слободно да го разреши од функцијата, но е дециден дека нема да вработи неквалификувани кадри.