Пратениците од денеска се вакцинираат во Спортската арена А1, а нивното приоритетизирање како дел од критичната инфраструктура беше мета на јавна осуда, дополнително откако вчера вечерта се тврдеше дека пратениците ќе се вакцинираат со „Фајзер“ вакцината. Сепак утрово кога првите пратеници пристигнаа на термините за вакцина стана јасно дека ќе се употребува руската вакцина Спутник, како што потврди и министерот за здравство Венко Филипче.
Пратеникот Павле Трајанов тврди дека сепак имало замена на вакцината откако тоа беше јавно искритикувано.
„Не може од Фејсбук да се гради политика. Ако некој напише дека пратениците се привилегирани и ќе се вакцинираат со „Фајзер“ и сега менува министерот на „Спутник“. Тоа е крајно катастрофална и неодговорна ситуација. Едно беше најавата, сосема друго излезе во пракса. Сите се практично вознемирени бидејќи испадна класична замена, да не кажам превара“, сподели Трајанов на фејсбук.
„Мислам дека се пратениците се целосно дискриминирани, затоа што ние немаме право на избор. Граѓаните се во предност бидејќи имаат право на избор. Гледам дека има и „Фајзер“, а во следните денови најверојатно ќе има и друга вакцина, како и Астразенека. Пратениците се насочени да бидат вакцинирани со Спутник. Можеме да почекаме и да одложиме, но по функција за да може Парламентот да функционира, еве се наредивме тука да се вакцинираме”, рече Трајановски по вакцинирањето.
Дел од пратениците кои се имунизираа денеска со првата доза Спутник V велат дека никој претходно не им кажал со која вакцина треба да се вакцинираат.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски вели дека не знае од каде излегло дека вакцинирањето ќе биде со „Фајзер“.
„Во известувањето за терминот не стоеше ниту Фајзер, не знам од каде излезе. Ја примивме Спутник V и засега добро се чувствувам“, вели тој за „Фактор“.