ВИДЕО – По втор пат во пандемија, неколку членки од „Преродба“, на Велики Четврток ги вапсаа јајцата за Велигден


И годинава по втор пат во пандемија, жените од здружението „Преродба“ од Прилеп на Велики Четврток ги вапсаа јајцата за големиот христијански празник Велигден. Исто како и лани ја ги немаше гужвите и веселата атмосфера во нивната канцеларија. За да ја продолжат традицијата, се собраа само 3 нив за да го направат обичајот што се прави на овој ден кој го налага христиијанската вера. Според обичајот домаќинките прво вапсуваат три јајца, уште пред изгрејсонце. Првото вапсано јајце го викале Божјарче или Господово јајце, бидејќи било за Господ, заедно со другите 2 јајца се ставале на прозор на црвена подлога да ги огрее првиот сончев зрак.

„Сега ќе ги вапцаме трите јајца. Првото ќе ни биде божјарчето, домашно и другот за на лозје. Така ги правам јас трите јајца. Во четвртокот сабајле кај 4 сатот стануваме и го вапцуваме трите јајца, а потоа на децата им правиме, на малите, на внуците, црвено бело дебело. Сабајлето пред да угрее сонцето во табле со црвена подлога ги ставаме трите јајциња на пенџере каде што изгрева сонцето, а откако ќе изгрее сонцето божјарчето што е го ставаме пред икона, другото му го даваме на домаќинот, а третот го носиме на лозје, тој што има, а тој што нема на нива. Тешкото е што не можеме да појдеме ни в црква, ни кај децата да си појдеме, бидејќи е опасно“, рече Менче Милошеска, член на здружението „Преродба“.

Од здружението „Преродба“ се надеваат дека идната година нема вака да се одбележува овој ден туку конечно ќе се соберат сите заедно. Со големо жалење констатираат дека и дел од нив го изгубиле животот од корона вирусот.

„Голем дел на членките од здружението, меѓутоа минатата година и оваа само по 2-3 членки колку да го одбележиме празникот за вапцувањето на јајце, исто така се собираме само 2-3 од членките за да одбележиме и други празници, не сакаме традицијата да згасне, сакаме и понатаму да ја пренесуваме со надеж дека пандемијата за идната година ќе ја нема, па ќе бидеме во доста поголем број за одбележување не само на Велигден, туку и на сите православни празници кои следуваат во годината“, рече Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружение на жени „Преродба“.

„Да се надеваме дека до година нема да се случува повеќе ова, ќе пречекуваме во домашни услови, како и сите кај мене во семејството ќе си го одбележиме како што ни носи редот секоја година. В црква ако можеме, еве ослободуваат, даваат некои пропусти за да се појди, а ако не во неделата дома со неделен велигденски ручек. Прво за поручек секогаш кршиме јајца и тоа ни е поручекот, со јагнешко за ручек. Гости нема да има, лани немаше, сигурно и годинава, на сите ни е страв. Нашето семејство ја прележавме короната доста тешко, препорачувам да се чуваат сите оти јас доста тешко ја поминав. Остануваат желбите за натаму, да се сретнуваме во здружението, да си ги продолжиме традициите, да си ги продолжиме дружбите, средбите, шетањето. Изгубивме неколку членки, доста е болно, да не се повтори повеќе, ниту една да не изгубиме, не само од членките, посакувам добро здравје за сите и пред се оздравување на болните“, кажа Лиле Ацеска, член на здружението „Преродба“.

Инаку според православната црква на Велики Четврток, за време на Тајната вечера Христос ја воспоставува Светата евхаристија, односно причествувањето, исто така на Велики Четврток тој е предаден од страна на Јуда. Утре е пак е Велики Петок кога верниците ги посетуваат црквите за да се поклонат на Плаштеницата на која е насликано положеното тело на Христос.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи