Нема никогаш да се сложиме на најкорумпираната Влада во Европа врз основа на промашена физибилити студија за Клинички центар, правена врз податоци од пред 13 години, да и дозволиме закон со кој ќе можат во 4 очи да склучат договор и да потрошат половина милијарда евра народни пари. Ова денеска во Прилеп го истакна лидиерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека СДСМ нема никаков проект за нов Клинички центар, a граѓаните со нив изгубиле 4 години за да добијат подобрии здравтсвени услуги. Според Мицкоски требало да се работи на реализација на проектот за Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, кој ќе чинел двојно помалку, но и модернизирање и дисперзирање на здравствените институции и услуги и во други Клинички центри низ Македонија.
„Ајде да инвестираме во Клинички центар за кој што постои јасен проект и одобрени пари од Европската инвестициска банка. Да изградиме Ковид центар помеѓу платото на поранешна Румунска и поранешна Воена, сегашна 8-Ми Септември. Тоа место се наоѓа помеѓу 3 булевари, „Партизанска“, „Илинденска“ и „8-Ми Септември“, имаме секаква инфраструктура нема потреба од дополнителни инвестиции. Ајде да ги модернизираме Клиничките болници во Штип, Битола и Тетово. Да дисперзираме малку од Скопје. Да може и граѓаните низ Македонија наместо да доаѓаат во Скопје и да плаќаат пари за лекување да ја добијат медицинската нега и во местата каде што живеат“, истакха Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак денеска преку соопштение истакнаа дека ВМРО-ДПМНЕ им должел извинување на граѓаните поради блокадата на Законот за Клинички центар. Според СДСМ предлог Законот предвидувал изградба на нов, модерен и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе обезбедува високо квалитетни здравствени услуги на населението во државата во следните неколку децении.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наместо да се водат од одговорноста на граѓаните, особено во овој вонреден период и да помогнат во изнаоѓање на решенија во интерес на граѓаните и унапредување на здравствениот систем, исполнуваат желби на Мицкоски упорно кочејќи го овој важен проект и покрај тоа што токму тие имаат отворена понуда да го водат целиот процес. На јавноста и е јасно дека за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ спасот и личните интереси на Мицкоски им се поважни од здравјето на граѓаните“, велат од СДСМ.
И додека власта и опозицијата се обвинуваат и по 12 години откако беше најавена изградба на нов клинички центар и се променија неколку локации за негова изградба, се уште не се удрени темели за истиот.