Најава за пациент од Африка кој е високо суспектен на јужноафриканскиот сој е стасана вчера до целиот персонал на Инфективната клиника во Скопје. Според првичните информации, се работи за војник, македонски државјанин кој е во тешка состојба и треба да биде сместен на Инфективната клиника во Скопје. На Клиниката веќе се подготвени за прием на пациентот кој е сомнителен на јужноафриканскиот сој, но дополнително ќе се прават испитувања за точниот сој на вирусот. Овој сој до сега го нема во државава и е многу посмртоносен за разлика од претходните соеви.
Инаку, заразениот војник заедно со уште еден војник бил во мисијата на Европската Унија за обучувачи во Централноафриканската република.
Веста за ова ја објави порталот Фокус.мк, а ја потврди и министерот за здравство Венко Филипче.
„Се работи за војник, македонски државјанин, бил во база каде нема услови да биде лекуван. Засега нема типизација за каков сој коронавирус се работи, но пациентот ќе биде сместен во изолација“, изјавил Филипче за Фокус.