Инспекторатот за животна средина ја истражува експлозијата во кругот на поранешната Топилница во Велес

Facebook
Twitter
Email
Print


Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) соопшти дека е направен итен увид во кругот на поранешна Топилница во Велес, откако вчера по силна експлозија на таа локација избувна пожар.

Увид на терен направиле и инспектори од СВР Велес и констатирано е дека пожарот избувнал во текот на сечење метал од постројка за филтрирање, но не можело да се утврди дали причината е контакт на искра со стара електрична инсталација, или со талог од експлозивна хемикалија.

Од Инспекторатот појаснуваат и дека топилницата е индустриско еколошко жариште, а објектите се во сопственост на „Метрудхем“.

„За да се спречи можна хаварија, Државен инспектор за животна средина вчера изрече усна забрана за работа на ЗД Отпад Охрид, компанија која е ангажирана од „Метрудхем“ да го отстрани отпадниот метал од локацијата. Во најитен рок „Метрудхем“ мора да достави документација за отстранување хемикалии и опасен отпад и нивно евентуално чување на локацијата. Истовремено, се врши надзор и врз ЗД Отпад Охрид, за да се утврди колкави количини отпаден метал се веќе отстранети и дали отпадниот метал е потенцијално контаминиран со опасни материи. По анализата на документацијата и прибирањето докази, ќе бидат преземени соодветни мерки“, соопштија од ДИЖС.

Вчера противпожарните служби информираа дека го локализирале пожарот кој избувнал утрото во кругот на поранешната Топилница, која беше еден од најголемите загадувачи на регионот до нејзиното затворање пред скоро две децении.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи