Во нашата држава, повеќето рурални жени и девојчиња се во неповолна положба во споредба со мажите и момчињата. Тие се соочуваат со предизвици во образовниот процес, пристапот до програми за доедукација и стекнување на нови вештини, овозможување на финансиска независност, ограничени можности да работат надвор од домаќинството, како и ограничени можности да учествуваат во процесите на креирање на политики за социо-економски развој и подобрување на квалитетот на живот на локалната заедница.
Локалната Акциона Група АГРО ЛИДЕР со поддршка на Федералното Австриско Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи, своите активности ги насочува кон детектирање на предизвиците со кои се соочуваат жените и девојките во руралните средини, со цел во заедничка соработка со институциите да се намали “родовиот јаз” и да се креираат програми кои ќе го подобрат животот на жените во руралните средини.
Денес, остваривме средба со жени и девојки од руралните средини на општина Долнени, на која детектиравме дел од предизвиците од социјалната, образовната, здравствената и економската сфера кои се неопходни за квалитетен живот.
Ограничениот пристап до информации, немањето на можности за доедукација и советодавна поддршка во руралните средини, непостоењето на градинки и центри за ран детски развој, како и непостоење на средни училишта, непостоење на здравствени амбуланти, стоматолошки и гинеколошки ординации, ограничената мобилност (непоседувањето на возачка дозвола, ограничен јавен превоз и др.)итн, ја нагласува неповолната положба на жените во руралните средини во нашата држава.
Современиот начин на живеење ги интензивира постоечките предизвици и борби на руралната жена, а пандемијата со КОВИД-19 допонително ги продлабочи постоечките структурни, економски, социјални и технолошки нееднаквости, зголемувајќи го товарот на нивната улога како мајки, домаќинки, едукатори, и земјоделки.
Во соработка со ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Прилеп споделивме информации за достапните програми од социјална заштита, заштита на децата, како и програмите за поддршка на земјоделството и руралниот развој. Исто така презентирана беше и платформата Домашно.мк, каде што можат да ги промовираат и продаваат своите производи, и да остварат приход.
Политичките интервенции есенцијално е да ги вклучат правата и зајакнувањето на жените од руралните средини како клучен елемент во создавањето еднакви можности за сите, со цел да се постигне намалување на постоечките родови нееднаквости и создавање на социјална и економска благосостојба на руралните жени.
Александра Стеваноска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР