Крадци пред неколку дена го ограбиле половина од бакарниот кров на црквата во манастирот Свето Ѓорѓи кај селото Бучин во Општина Крушево. Криминалците се качиле на црквата и со помош на секири, казми и други орудија извадиле околу 60 м2 од бакарниот покрив, а украле и дел од каблите за струја. Манастирот се наоѓа на 3 км. од селото, во блиската планина, а кражбата е извршена за време на полицискиот час, после 1 часот по полноќ.
„Околу 60 м2 бакар е украден, врати исто така има искршено од конаците, кабли се украдени од струјата и тоа најдебелите кои ги местевме. Од собите се искршени врати, ама таму нема ништо земено. Се качиле преку камбанаријата и со секири и казми го кршеле бакарот. Кражбата е извршена за време на полицискиот час“, вели Борко Богоевски, жител на село Бучин.
Од полицијата им соопштиле дека бакарот е најден кај крадци во Прилеп, но целиот е оштетен и не е можно истиот повторно да се стави на кровот. Жителите сега бараат барем да им се врати бакарот за си повратат дел од средствата, а исто така бараат поголема заштита од полицијата бидејќи ова била 4 кражба, досега биле украдени бакарни казани, пари и предмети од црквата.
„Овој пат кражбата е најголема, штетата чини околу 3.000 евра, а со монтажа повторно на бакарен кров ќе чини околу 5.000 евра. Сега е пронајден бакарот од страна на полицијата во Прилеп, е сега како ќе се враќа и далии ќе се враќа треба да се почека да заврши постапката. Сега бараме поголема контрола на овој терен од страна на полицијата , да поминува почесто, да го контролира местото и патот. Затоа што крадците ако се чувствуваат слободни ќе продолжат и понатаму да крадат и да го уништуваат имотот“, додаде Славе Ѓорѓиоски, жител на село Бучин.
Жителите на Бучин обвинуваат дека кражбите во нивното село биле енормно зголемени, се краделе дури и метални делови од блиската железничка пруга.
„Еден автомобил е украден, два казани, а пред само пред 2 дена пред да биде ограбен манастирот е украден казан кој е пронајден во Прилеп и му е вратен на сопствениците. Кражбите се одвиваат дури и по железничката линија, се крадат металните плочки од пругата. Никој не превзема никакви мерки. Сите тие предмети се носат по отпадите во Прилеп и Битола. Инспекторите треба редовно да си ја бркаат работата“, истакна Пеце Гарески, жител на село Бучин.
Жителите се заканија дека ако не добијат поголема заштита од полицијата само ќе се организираат против крадците кои најчесто доаѓале од Прилеп.