Што се случува со нашето тело кога нема да спиеме една цела ноќ?


Неспиењето цела ноќ има силно и потенцијално сериозно штетно дејство врз нашето здравје.

Спиењето е неопходно за нормална функција на организмот и е време кога речиси сите ткива во телото се обновуваат и заздравуваат.

Дел од ефектите на неспиење една цела ноќ се:

Промена во когнитивните фукнции

Останувањето будни една цела ноќ, веднаш влијае врз бројни функции на мозокот и врз способноста за нормално размислување. Ваквиот недостаток од сон го намалува опсегот на нашето внимание и концентрација. Времето на реакција е забавено, а конструктивното, логично размислување е отежнато. Овие потешкотии се поврзани и со емоционалната интелигенција, односно начинот на кој ги разбираме и реагираме на луѓето и случувањата околу нас.

Неспиењето една цела ноќ, делува и врз нашата меморија. Исто така и меморијата која има привремена функција, односно меморија потребна за извршување на неповторувачки обврски, е нарушена. Интересно е што некои истражувња ја поврзале ноќта без сон со дејството на алкохолот. Истражувањето покажува дека по 24 часа без сон, менталниот перформанс на човекот е ист како и при функционирање со 0,1 промил алкохол во крвта.

Доколку се обидеме и продолжиме да функционираме без сон и наредниот ден, ефектите врз телото се уште побројни и загрижувачки. Телото ќе се бори против потребата од сон, ќе се чувствуваме уморно, раздразливо и можно е да имаме т.н микро-спиење. Тоа е всушност „заспивање“ на неколку секунди, што во некои ситуации може да е навистина опасно. Се смета деја кај професии кои сносат огромна одговорност, ваквото прескокнување на спиење е недозволиво и потенцијално опасно.

Промени во расположението

Недостатокот од сон е поврзан со лачењето на стрес хормонот – кортизол. Исто така, дефицитот од сон истражувањата го поврзуваат и со анскиозноста. Без доволно спиење стануваме нервозни, раздразливи, уморни и нерасположени.

Влијанија врз физичкото здравје

Заморот и ниските нивоа на енергија се поизразени кога мускулите и органите во телото немале време за репарација и обновување – процеси кои се случуваат кога спиеме. Едно истражување покажува дека физичките способности, односно издржливоста при физичка активност била сериозно намалена кај спортисти кои го прескокнале спиењето една цела ноќ.

Може да влијае на вашиот ритам на спиење

Доколку не спиеме една цела ноќ, може да го нарушиме нашиот ритам на спиење, особено ако веќе вакво нарушување во поблага форма постоело. Се препорачува задржување на одреден ритам на спиење и практикување добра „хигиена на спиење“.

Меѓутоа, една пропуштена ноќ не значи дека веднаш ќе го нарушиме нашиот биоритам. Доколку навиката за неспиење цела вечер се практикува ретко, повеќето луѓе нормално ќе си се вратат кон нивниот претходен ритам на спиење. Истражувањата главно покажуваат дека возрасните лица подобро се справуваат со недостатокот од сон отколку децата и адолесцентите. Покрај ова, една студија покажува дека и нашата генетика може да има влијание врз тоа колку ќе има влијание дефицитот на сон.

Дали прескокнување на спиењето со цел поголема продуктивност е добра идеја?

Ефектите од ваквиот дефицит се веднаш видливи и очигледни врз вашето тело и мозок. Ваквата пракса треба да се избегнува и во никаков случај не може да се смета како опција за добивање на дополнително време во кое ќе бидете продуктивни. Дури и за студентите кои би ја поминале ноќта учејќи, ова е лоша идеја и тие не добиваат голема корист. Нивната концентрација и меморија се сериозно нарушени и ефектите од останувањето буден дури може да се всушност контрапродуктивни.

Ефектите од прескокнувањето на ноќта како време за сон, можат да бидат особено сериозни и загрижувачки за возачите на возила или на машини. Овие активности бараат сериозна концентрација, фокусираност и будност.

Што доколку мора да останеме будни една цела ноќ?

Ако немате избор и мора да останете будни ноќта, постојат некои совети што може да ви помогнат да се чувствувате и функционирате подобро. Потребата од сон и горе споменатите појави секако ќе се јават, но може нивниот ефект да се ублажи и делумно контролира.

Пијте доволно вода;

Работете во добро осветлена средина – светлото ќе ни олесне да бидеме будни и да се бориме со потребата од сон;

Јадете здрава храна – избегнувајте ги процесираните јадења и храната богата со шеќери. Тие привремено ни даваат чувство на зголемена енергија, но по истекувањето на тој ефект ќе се чувствуваме уморно и поспано;

Бидете активни – доколку сте во можност обидете се и придвижувајте го телото повремено. Исправете се и истегнете се, на овој начин ја подобрувате циркулацијата и си помагате да останете будни;

Покрај ова, обидете се што пократко да сте будни и првата прилика искористете ја за долг и квалитетен сон. Што подолго сме без сон, толку е тоа поштетно за телото и ефектите од дефицитот на спиење се поизразени и потенцијално опасни.

Извор: Доктор Митов

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи