Наши гости во ова издание на емисијата Инфо Регион беа Дарко Неданоски, раководител на Спасителната служба „Златоврв“ од Прилеп и Симона Ерманоска, координатор на културниот сектор при гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп. Поводот за овој разговор е одржувањето на Едукативен Планински Камп за Млади во организација на Спасителната служба „Златоврв“ кој ќе се одржи од 11 до 13 јуни (од петок до недела), во близина на селото Ореовец, кај манастирот Свети Димитрија.
Превозот до кампот ќе биде обезбеден од страна на организаторите и ќе биде бесплатен. Исто така и пријавувањето се уште трае и тоа е бесплатно, а може да се пријави секој кој сака, нема ограничување на возраста, но секако предност имаат младите. Оној кој сака да биде дел од овој камп може да се пријави на ФБ профилот на „Златоврв“ или оние од средните училишта кај Симона Ерманоска.
За учество во кампот е потребно да се носи шатор и вреќа за спиење, подметач и прибор. Секој учесник е задолжен за својата храна („храна од ранец“).
Учесниците на овој камп ќе имате можност да ја запознаат природата од еден поинаков агол, како и придизвиците кои таа ги нуди. Целта на овој камп е пред се, да се зголеми спортската активност кај младите во Прилеп и едукативно да се запознаат со природата, а истовремено да се активираат и другите спортски здруженија во Прилеп да се придружат на оваа иницијатива.
На кампот ќе има логорски оган, дружба, вежби и спортски активности за ориентација, односно движење во просторот со помош на карта и компас, ќе има поставено и жичара за најмладите, вежби за учење на техниките со јаже, вежби за прва помош, ќе има и рецитирање на поезија, како и музика од гимназискиот бенд. Исто така предвидено е да има и влез во пештерата Рамниште.
Повеќе за тоа што ќе се случува на овој камп и како може да бидете дел од него погледнете во интервјуто.