Вакцинацијата на македонските државјани продолжи и викендов во Србија, каде нашите државјани бесплатно се вакцинираат без пријавување само со потребните лични документи, јави дописникот на МИА од Белград. Најголем број се упатуваат на вакцинација во Врање, каде може да избираат вакцина на „Фајзер“ или на „Синофарм“.
Според извештајот на Здравствениот дом во Врање, во саботата, на 12 јуни бројот на вакцинирани граѓани на Македонија е 581, а во неделата имунизиран е 391 Македонец.
„Досега 4502 македонци се вакцинирани во Врање. Граѓаните на Македонија кои ја примиле првата доза во Ниш, Белград или некој друг град, нема да можат да се ревакцинираат во Врање, туку во градот каде што ја примиле првата доза“, вели доктор Слаѓан Младеновиќ од Здравствениот дом во Ниш.
Од Здравствениот центар во Ниш наведуваат дека поголема гужва се очекува од 18 до 21 јуни, кога е терминот за повторна вакцинација на 5700 македонски граѓани кои во март во Србија ја примија „Астра Зенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.